Составување на композиции вo соодветни моделарски епохи

Составување на прототипски железнички композиции соодветно на моделарските епохи

Составување на композициите кои сме ги среќавале по нашите пруги знае да биде захтевна задача.
Непостоењето на соодветни модели со чие спојување би ја добиле композицијата за која сме заинтересирани е еден од поголемите проблеми. Овој проблем посебно се чувствува во недостатокот на модели на железничките возила од Македонија без разлика дали станува збор за модели на возила на Југословенските Железници – Железничко Транспортно Претпријатие Скопје (ЈЖ ЖТП Ск) , или модели на возила на Македонските Железници (МЖ). 
И во едниот, и во другиот случај недостатокот на овие модели негативно влијае на составувањето како на домашните така и на меѓународните композиции кои сообраќале и сообраќаат низ Македонија.
Едно од решенијата за овој проблем може да биде замена на непостоечките модели со некој од моделите кои можат да се најдат на пазарот.
Замената е можна доколку моделот за замена е од истата железничка управа како оној кој ни недостасува, е од ист или барем сличен тип, класа и намена, со блиски датуми на ревизија или како последна опција да е од иста епоха – временски период во кој возилото сообраќало.
Друга можност за добивање на моделите кои ни недостасуваат е преработување на некој од постоечките модели во моделот кој ни недостасува врз основа на фотографии, скици или слична документација.
И во едниот и во другиот случај датумите на ревизии сигурно нема да се совпаѓаат толку добро па затоа составувањето на саканите композиции најповолно е да се одвива според временските епохи.
За подрачјето на Македонија се важни две распределби на епохи а тоа се епохите од поранешните југословенски простори и германските епохи.
Епохите од поранешните југословенски простори првенствено ни се потребни за составување на домашни композиции а со нивна комбинација со германските епохи би успеале да ги добиеме меѓународните композиции кои транзитувале кај нас.
Според дискусиите на форумите водени од познавателите на железниците и железничките моделари од просторите на поранешните југословенски републики, епохите од поранешните југословенски простори кои се однесуваат на територијата на Македонија би можеле да се распределат на следниве временски периоди:

Епоха 1:
од 1873 година со пуштање во употреба на првата пруга на територијата на Македонија на релацијата Солун-Битола, како составен дел на Ориенталните железници односно железниците на Отоманската империја - С.О.

Епоха 2-а:
од 1919 година - со завршувањето на 1-та Светска војна и создавање на кралството на Србите Хрватите и Словенците - СХС (во кое кралство влегува и територијата на денешна Македонија како составен дел на Србија) и со самото тоа создавање на железниците на кралството на СХС.
Епоха 2-б:
од 1933 година – промена на името на кралството на СХС во кралство Југославија и преименување на железниците на СХС во Југословенски Државни Железници скратено ЈДЖ. Се пристапува и кон ново означување на локомотивите.
Епоха 2-в:
од 1941 година – со започнување на 2-та Светска војна целокупноста на ЈДЖ се дели и потпаѓа под управа на железниците на окупационите сили така да воглавно железниците во Македониа потпаѓаат под управа на Бугарските Државни Железници, БДЖ.  

Епоха 3-а:
Од 1945 година – со завршувањето на 2-та Светска војна повторно е воспоставена целокупноста на железниците во новоформираната држава ФНР Југославија и се враќа името Југословенски Државни Железници, ЈДЖ.
Епоха 3-б:
од 1956 година – ЈДЖ се преименува во ЈЖ односно Југословенски Железници и се укинува постоењето на 3-тата класа во патничкиот превоз.
Епоха 3-в:
од 1960 година – ново означување на локомотивите и моторните возови

Епоха 4-а:
од 1965 – се воведува единственотo UIC нумерирање на возилата на сите железнички управи во Европа
Епоха 4-б:
од 1975 година – измена на UIC нумерирањето, започнува примената на пократки словни ознаки на патничките вагони, се воведува во употреба ЈЖ логото
Епоха 4-в:
од 1985 година – повторна измена на UIC нумерирањето, се исфрла словната назнакa ”m” од вагоните од типот ”Y”, се појавуваат шаренолики патнички вагони.  

Епоха 5:
од 1992 година – настанување на нови железнички управи во новонастанатите држави од поранешната СФР Југославија и нивно примање во UIC.

ИЗВОР: malezeljeznice.net

Hаведенава распределба по епохи ни помага да добиеме моделарски композиции било патнички било товарни со едноставно водење сметка да ревизиите на моделите кои ги планираме како составен дел на тие композиции бидат од временскиот распон на таа епоха во која саканите композиции сообраќале.
Пример: доколку сакаме да составиме композиција од 3-тата епоха пожелно е моделите на возилата во истата да бидат барем со датуми на извршени ревизии во периодот од 1945 до 1965 година.  

* * *

No comments:

Post a Comment